Повторна средба со Стогово

Повторна средба со Стогово

Бабин срт, Стогово, 2245 м.н.в., 28 септември 2014

Овој викенд беше еден од креативните викенди во Лазарополе. А јас како нивен координатор требаше да бидам таму. Како и секој месец. Но сепак овој викенд имав потреба барем во неделата да избегам некаде повисоко од 1350те метри надморска висина на Лазарополе. Се тоа беше во ред освен тоа што во околината на селото, освен помали врвчиња и возбудливи места за поблага прошетка, немаше врв да се искачи, за разлика на пример од Галичник.

Во непосредната околина на Лазарополе беше Соколица, Цуцул, Коритник, но се се тоа помали врвчиња на Бистра, со прекрасен поглед, но не некој  поспецифичен врв кој изискува посериозен напор и има над 2000 метри. Секако дека имаше, само што требаше доста да се оди до местото за пристап. На истата планина се и Меденица, а секако во близина  е и Стогово, а на него Бабин срт или Биаг Дорук. Иако сум пристапил на Меденица од Лазарополе и не е компликувано да се отиде до Галичник, па потоа да се искачи Меденица, проблемот беше што оваа година веќе 10 пати бев натаму, а и ќе ми одземе неколку часа само додека стигнам до Галичник. Барем три, па ќе ми одземе голем дел од денот. Според тоа Стогово е поверојатно  бидејќи се пристапува од селото Гари, а до таму од Лазарополе има по асфалт само 7-8 километри. Секако низ шумата многу пократко, под претпоставка дека има пат. Иако ги имам истражено сите патеки низ селата во околината, кон Гари не сум имал потреба да се движам, па не бев сигурен дали има патека, иако знаев мора да има коњска, бидејќи сите овие села се поврзани. Спуштањето ќе ми одземе час време, можеби уште половина час додека се искачам до селото и веднаш ќе влетам покрај Гарска река нагоре кон Бабин Срт или Биаг Дорук.

Stogovo Babin Srt (3)

Саботата ја поминав со креативна дружба и чекав да дојде неделното утро. Два-три часа сон беа доволни на оваа надморска висина, но надвор се уште беше темно и некако не ми се излегуваше од вреќата за спиење. Па така останав уште некое време. Станав околу шест часот, додека се спремам и излезам веќе беше накај седум. Претходната вечер Најденко (продавачот во локалната кооперација) ми посочи дека патека до Гари има, па тргнав кон излезот од селото да ја лоцирам. Се беше јасно, само надолу по падината. Патеката веќе се беше затворила. Ретко кој поминува тука. Надолу напати и ја губев, па морав да се пробивам и да ја лоцирам за да се вратам на правиот пат. Друштво ми правеше и локалната кучка, па патот не беше досаден.

Stogovo Babin Srt (2)

По кратко движење низ шумата, излегов на патот кој се извива над Гари. Го пресеков неколку пати за да го скратам и излегов непосредно над селото, од каде се спуштив до асфалтот, а од таму малку нагоре кон Гари. До селото бев за брзо, па само требаше да го лоцирам макадамот од каде покрај реката се оди нагоре кон малата шумска црквичка. Селото беше прилично живо и раздвижено. Се гради на големо, се реновираат викендичките. Не можев точно да се сетам од каде се пристапува до патот, се беше затворено од биујната вегетацијата, па малку се врткав низ селото, за конечно да го најдам и веднаш да се упатам по макадамот благо нагоре. Има доста пат до реката, кој е прав и досаден, а кучето веќе ме напушти кај селото. Гледав некако да го поминам овој дел побрзо. Протрчав покрај црквата и сигнав до реката, каде се испречи првиот проблем. Беше надојдена! Тука мораше или да се соблекуваат кондури или да се наоѓа место каде да се помине преку камењата. Некако ме мразеше да се соблекувам и да влегувам во реката од стопен снег, па барав варијанта некаде да се премине. Со помош од два стапа, како со штули, некако успеав да се пренесам од другата страна. Од тука само уште еден превој и веќе сум на отвореното поле од каде се гледа целата планина. Требаше и да се одлучи кон кој врв ќе се упатам. На Биаг дорук бев лани, па некако не сакав да го повторувам врвот. Па одлуката падна на Бабин срт. Вториот по висина на Стогово иако до скоро се сметало дека е и највисок. Затоа на него е поставена и кота. Требаше само уште да се поминат бачилата и да се искачи десно кон крстопатот од каде се пристапуваше до двата врва.

Stogovo Babin Srt (15)

Секако проблемите настапија кај бачилата. Едното од нив беше празно, овците беа на пасење, но кај второто веќе шарковците (кои за жал не беа баш нашите шарковци) се вознемирија од моето присуство. Тргнаа во офанзива, а јас со лепче во рака и со смирен став ги чекав овчарите кој требаше да го спречат нивниот напад. Беа прилично гневни, но успеав да се извлечам, и без дружба што обично го правам откако ќе се спријателам, продолжив понатака. Веќе по којзнае кој пат го преминав потокот и се упатив нагоре, кон најстрмниот дел, а кога го искачив бев на делот каде требаше да се одлучи кој пат да го фатам: десно кон Голем рид или лево кон Бабин срт. Одлуката беше донесена, па во налет на тој жесток ветар кој ме дочека на сртот, само се втурнав влево.

Ветарот беше опасен и едвај се движев по сртот на југ кон Бабин срт. Насоката беше јасна, остана да се искачи само уште овој срт и толку. Но ветерот шибаше жестоко, па малку се спуштив подолу со надеж дека ветрот ќе стивне. Стивна само малку, за кога дојдов повторно до сртот повторно да почне да шиба. Врвот секако мораше да се искачи. Иако изгледаше дека е подалеку, борејќи се со ветрот, за брзо се искачив до врвот. Е тука веќе беше навистина гадно. Ветарот беше навистина брутален и покрај ретко прекрасното време и чистиот поглед не можеше да се ужива во врвот. Беше ретко добро време, кристално чисто без можност за изненадување, додека движев нагоре беше навистина топло, но овде горе едноставно беше невозможно да се седи. Секако за да погледам можеше да се спуштам малку подолу и да погледам кон Охридското езеро, кон Караорман, но тоа значи дека не си на самиот врв! По сликањето со котата кое едвај го изведов поради ветерот, тоа и го направив. Се спуштив малку подолу за да поуживам во погледот, кој дури ни во лето не беше толку чист. Охридското езеро беше тука пред вас.

Stogovo Babin Srt (13)

За жал студот и ветерот не дозволија многу да се остане, па иако не сакав да го напуштам врвот, прекрасниот поглед кон југ и назад на исток кон пространото поле на Стогово, па и Бистра, сепак бев принуден да почнам да се симнувам пополека. Целата тура некако не ја почувствував и покрај големата дистанца, па имаше доста енергија и за назад.

Stogovo Babin Srt (10)

Гари и повторно назад кон Лазарополе и креативен викенд. Таму веќе привршуваше креативната работа и ме дочека шопска со сирење од кај Најденко, кое патем го носи од оние бачила на Стогово низ кои поминав. Доколку овчарите беа малку погостопримливи требаше да ме удостојат со проба на сирењето директно од кантите, но тоа не се случи. Сепак се ова овчари на кои ова им е работа, професија, а не начин на живот, па можеби не ги знаат старите традиции на гостопримство на патниците кои оттаму минуваат. Сепак ќе се задоволиме со она што е донесено во дуќанот кај Најденко (можеби најмоќното сирење кое сум го пробал) и топлото лепче од фурната кај горни ливади. Толку за овој креативен викенд кој беше и повеќе од креативен. А вие поминете на некој од нив. Секој месец во Лазарополе, на доза уметност во природа на 1350 метри надморска висина.

Тони Димитров



 

 

 

За skimacedonia

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Оди на лентата со алатки