29 Мај 2018 -хајк патрола до Корапскиот водопад.
Иако веќе речиси летото е на прагот, низ Корапските предели пролетта е сеуште на почетокот. Коработ се уште ишаран со снег во повисоките зони, a во пониските делови минувајќи над долината на Длабока Река, по падините на Рибничка скала и Кабаш по рутата кон Корапскиот водопад, се уште се присутни изразени снежни јазици.
Водопадот е во полна моќност, блика преполн со вода, целиот регион е прекриен со најразлични цвеќиња, билки и најубави бои на природата. Покрај водопадот, наоколу има бројни брзаци, мали водопади и потоци кои се слеваат по стрмните корабски кулоари од Кепи бард и Кобилино Поле од снегот кој се топи.
Корабскиот водопад е висок околу 130 m и се формира од топењето на снегот од Мал Кораб и Корабска врата. Водопадот е во полна моќност со доаѓањето на пролетта и топењето на снегот, во месеците Април и Мај. Во овие месеци водопадот е вистинска атракција на природата како и останатото сценарио кое природата го представува.
Изминава зима Коработ акумулираше огромни количини на снег, чии снежни јазици се сеуште присутни на падините по должина на планинарската патека и тоа на стрмни и експонирани места. Доколку се оди во овој период, треба особено да се внимава при минување на јазиците, потребни се високи планинарски чевли со добар ѓон, штеки обавезно и препорачливо да се носи и цепин. Јазиците се на места многу стрмни и долги, така што во ситуација на лизнување по снежен јазик, ризикот од повреди и катастрофални последици е голем.
Патеката од с. Рибница е долга 13km, солидно маркирана и во добра состојба. Во текот на пролетниот период потребно е да се носи облека за дожд и потенки ракавици поради променливоста на времето. На почетокот на патеката е секогаш речиси е топло, но во срцето на кораб владее алпска клима така што макар и да е сонце може да биде доста студено.
Апелираме до посетителите да ги почитуваат правилата и одредбите на Национален Парк Маврово, и да ја подмират таксата за влез и престој во НП Маврово -таа е за општо добро за сите планинари и иднината на планинарските патеки.
Уживајте во Кораб и водопадите пролетва и погрижете се да бидете безбедни во планините!
Поздрав од планината,
Димитар Попов -Планинарски водич /Качувач -инструктор
MavrovoOutdoors -Mountain Guinding |SkiMacedonia


skimacedonia





