Ги има десетина претежно поставени на глечерите низ алпите на висина од 3000 до 4000 метри, повеќето од нив функционираат во текот на цела година, дел од нив се втор дом на нашите ски клубови и репрезентативци во алпско скијање. Инаку повеќе од доволни за снежни манијаци, навлечени на ладно и снег, ова би дошло како добра студена бања во текот на летни денови кои се пред нас.
LES 2 ALPES, Франција
Les 2 Alpes ја поседува една од најголемите ски области во лето. Глечерот Mont-de-Lans е отворен од средина на јуни до доцна во септември. Железница може да ве транпортира директно до ски терените. Има 8 ски патеки, две зелени, четири сини и две црвени. Les 2 Alpes располага и со снежен парк, биг аир, шини, цевки, полуцевка долга 120 метри итн. Лифтовите низ центарот работат од 07:15 до 12:30, a полудневна карта изнесува 28 евра.

HINTERTUX, Австрија
Hintertux е еден од неколкуте глечери кои функционираат 365 дена. Таму деновиве веќе има 50 см нов снег. Летното скијање покрива 22 км патеки, опслужени од 9 лифтови. Центарот нуди широк спектар на патеките за сите потреби и е познат по неговите стрмни и предизвикувачки патеки. Во рамките на центарот има и снежен парк за фристајл тренинзи. Hintertux е честа дестинација на нашите ски клубови и репрезентативци во алспко скијање за тренинг преку целата година. Дневната карта од мај до октомври е околу 43 евра.

TIGNES, Франција
Tignes заедно со глечерот Grand Motte нуди две варијанти на уживање, скијање во лето и основната варијанта пливање и сoнчање на езерото близу центарот. Глечерот Grand Motte има различни патеки слично како и Hintertuxer , сини, црвени и црни, на кои носат жичници и ски лифтови. Летниот распоред е од средината на јуни од средината на септември. Најпопуларна е North Face, не многу стрмна патека, но знае да биде студена. Центарот функционира од 7:00 до 13 часот, a после тоа ви останува доволно време да поминете и на езерото и да се искористи летото баш како што му доликува. Цената на ски карта е 28 евра на ден за возрасни.


SAAS FEE, Швајцарија
Глечерска зона на Saas Fee, Allalin е пристапна преку подземна гондола и работи од средината на јули до крајот на октомври. Лифтовите отвараат од 7:30 но за да стигнете до таму ви треба повеќе од еден час, па затоа пожелно е да се станува рано за да се фати добра температура на снегот. Располага со 20 км патеки повеќето за напредно скијање, а делумно е популарен за тренинг на тимови од алпско и фристајл скијање. Снежниот парк процветува повторно во лето за време на организирани натпревари проследени со забави. Цената на картата дури и во лето е прилично солена, околу 65 евра по ден за возрасни, но доколку сакате да скијате само на некоја одредена зона, можете да поминете и далеку поевтино.


FONNA, Норвешка
Еден од поегзотичните ски центри е глечерот Fonna далеку на север во Норвешка. Ски центар за кој од старт би требало да издвоите поголема сума на пари, пред се за да стигнете до таму. Лоциран на 1250 метри можеби е еден од најниските ски центри за во лето, но од друга страна е најатрактивен, опкружен со фјордовски пејсажи карактеристични за Норвешка, а и располага со вртоглави количини на снег. Одалечен 2 часа од Берген. Ски центарот има црвени, сини и зелени ски патеки, како и фан парк зона. Цената на картата е слична како алпските ски центри, 40 евра дневна карта, но цените на сместувањето и останатите работи за преживување таму се многу поголеми.


skimacedonia

