На падините на Бистра, во Маврово во вторник и в среда (14 и 15 февруари) ќе се одржи традиционалниот, 54-от Мавровски меморијал во скијачко трчање, најстарото натпреварување од ваков вид на Балканот, во спомен на 38-те градители на мавровската хидроцентрала и на 14 граничари што загинаа од снежната лавина во 1956 година. На програмата се по две трки двата дена, на 5 км во женска и на 10 км во машка конкуренција, во месноста Мирна Долина, каде што има доволно снег и добри услови за квалитетни трки. Новина за годинава е меѓународната трка за деца, родени 2002/2003 и 2004/2005 година, на 16 и 17 февруари.
Досега учеството на Меморијалот го потврдија скијачи од Србија, Бугарија, БиХ, Хрватска, Црна Гора, Грција, Турција, првпат и од Доминиканската Република (двајца) и најдобрите од Македонија – Ставре Јада, Миланчо Крстевски, Дарко Дамјановски, Тони Станоески, Марио Куртески и Ненад Митевски во машка, односно Викторија Тодоровска, Марија Коларовска, Викторија Јовановска, Ана Цветановска, Василка Дамјановска и Росана Кировска по едногодишна пауза поради работните обврски. Се очекува учеството да го потврдат скијачите од Словенија и од Романија.
– Конкуренцијата ќе биде силна, ќе настапат најдобрите од регионот што бркаат норми за настап на Зимските олимписки игри (ЗОИ) 2018 во Пјонгчанг и затоа очекувам квалитетни и неизвесни трки. Што се однесува до македонските нордијци би бил задоволен со еден до два пласмана меѓу првите 10 и под 100 ФИС-поени, што би било уште еден чекор поблиску до А-норма за Пјонгчанг. Во моментов имаме двајца евидентни кандидати за таква норма (Ставре Јада и Дарко Дамјановски – н.з.) и јас се надевам дека, ако не сезонава, најдоцна до крајот на годинава ќе имаме скијач со олимписка норма – вели селекторот и тренер на македонските нордијци Ѓоко Динески.
Агенцијата за млади и спорт (АМС), која финансиски и логистички ја поддржува организацијата на овој натпревар годинава, за таа намена издвои 500.000 денари. За настапите, пак, на македонските скијачи во предолимписката година, АМС обезбеди 1.800.000 денари.