Дестинација ни беше повторно националниот парк Маврово, некако не може да се одлепиме од него колку и да мислиме на други планински точки низ Македонија. Колку само има да се истражува, да се види нешто ново, да се посети некој врв или ливада која освен стадата овци и кучињата ретко кој ги посетува, барем не така често како оние комерцијални врвови и патеки кои сите ги знаеме.
Ќурков Дол е еден таков врв, рекреативна и адреналинска дестинација која ќе ве исполни со погледот кој го нуди на југот кон Стогово, на запад кон јужните делови и врвови на Крчин. Сместен е во централниот масиф на Бистра, висок 2141 метар, доминантен кон нејзината јужна зона. Кон него нема маркирана патека, но самиот врв е доволно маркантен ориентир преку висорамнината Черкезница да стигнете до него. Може да се пристапи од разни страни, но најлесен е некако пристапот од ски центарот како појдовна точка. Во негова околина нема вода, а иако е почеток на летото Јадовска река и нејзиното корито кое треба да го преминете кога одите кон врвот, сега беше пресушена.
За овој врв спомавме и адреналинскиот момент, а конкретно мислиме на, покрај прекрасните пејсажи и големата висорамнина Черкезница, имате можност да се дружите и со бројни стада овци од околните две бачила но и голема екипа на овчарски кучиња кои доколку не е нивниот стопан во близина, преставуваат вистински предизвик дури и за најхрабрите шетачи по планини. Распоредени во воени формации по околните врвчиња, верно го чуваат своето стадо и искрено не би сакале да се најдете во нивна околина. Следната тура можеби повторно ќе биде Мавровијата, поздрав до тогаш. 🙂
Првпат во извидница бевме во ноември, минатата година, ги разгледувавме можностите кои ги нуди за турно и фрирајд скијање.